Ќурки, гилотини, тенкови...
МАКЕДОНИЈА - Демонстрантите на денешниот, десетти по ред, протест против францускиот предлог донесоа мисирка, и како што рекоа тоа е „ќурка“ за премиерот Димитар Ковачевски. Потоа мисирката врзана на автомобил ја однесоа и пред Собрание.
МАКЕДОНИЈА - Протоколот со Бугарија ќе биде објавен пред на него да се стават потписи, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ 34. Тој вели дека во протоколот, како и во францускиот предлог нема ништо спорно.
МАКЕДОНИЈА - Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вечерва на почетокот на протестниот марш под мотото „Ултиматум, не благодарам“, повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за измените на Уставот. Тој вели дека ниту пратениците од СДСМ нема да гласаат откако ќе го видат Протоколот кој ќе го потпише Бујар Османи.
ТУРКИЈЕ - Заврши средбата на воените делегации од Русија и Украина во Истанбул кои се обидуваат да обезбедат безбеден извоз на украинско жито.
Турското Министерство за одбрана објави дека разговорите завршиле околу час и половина по нивното започнување, но не соопшти детали.
САД - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја обвини Москва дека насилно депортирала стотици илјади Украинци од украинските области што ги контролира на истокот и југот.
УКРАИНА - Додека беснеат битки на истокот и југот на Украина, министерот за надворешни работи на земјата разурната од војна ја отфрли можноста за отстапување на територија на Русија доколку некогаш продолжат мировните преговори и јасно стави до знаење дека такви преговори не се водат. „Целта на Украина во оваа војна е да ги ослободиме нашите територии, да го вратиме нашиот територијален интегритет и целосниот суверенитет на истокот и југот на Украина“, рече денеска министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.
СРБИЈА / ЕУ / ИРАН - Србија е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ од Западен Балкан која не ги почитува новите рестриктивни мерки на ЕУ против Иран. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска соопшти дека земјите-кандидати Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Украина, Молдавија, земјите од ЕФТА Исланд, Лихтенштајн и Норвешка и членки на Европската економска област и се приклучија на одлуката донесена од Европскиот совет на 27 јуни.
БУГАРИЈА - Од понеделник Бугарија го враќа носењето заштитни маски против Ковид-19, изјави за БНР главниот државен здравствен инспектор Ангел Кунчев. Според Кунчев, Бугарија се соочува со нов бран на ковид-19 и варијанта на вирус кој се шири многукратно побрзо, работите се менуваат толку брзо и толку неочекувано што мора да бидеме подготвени за секоја ситуација. Тој ќе предложи нов пандемичен план за здравствените власти да преземат безбедносни мерки. Меѓу нив се носењето маски, ограничувањето на собири и собирање на многу луѓе на едно место.
МАКЕДОНИЈА - На денешниот протестен марш, демонстранти изведоа и перформанс пред МНР. Пред Министерството беше истакнато пано на кое пишува „предавници“ и на кое се гледаат ликовите на премиерот Ковачевски и министрите за надворешни работи Бујар Османи и за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Пред паното на биро тројца луѓе со маски со ликовите на премиерот и министрите го потпишуваа „францускиот предлог“. Потоа тие ги тргнаа маските и се појавија маските со бугарското знаме. Активисти на Левица донесоа гилотина пред Собрание, на која пишува француски предлог.