Демонстрантите на денешниот, десетти по ред, протест против францускиот предлог донесоа мисирка, и како што рекоа тоа е „ќурка“ за премиерот Димитар Ковачевски. Потоа мисирката врзана на автомобил ја однесоа и пред Собрание.
На денешниот протестен марш, демонстранти изведоа и перформанс пред МНР. Пред Министерството беше истакнато пано на кое пишува „предавници“ и на кое се гледаат ликовите на премиерот Ковачевски и министрите за надворешни работи Бујар Османи и за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Пред паното на биро тројца луѓе со маски со ликовите на премиерот и министрите го потпишуваа „францускиот предлог“. Потоа тие ги тргнаа маските и се појавија маските со бугарското знаме.
И вечерва демонстрантите од пред Влада се упатија кон зградата на Министерството за надворешни работи, а оттаму пред Собрание. Пред законодавниот дом се одржуваат говори.
Активисти на Левица донесоа гилотина пред Собрание, на која пишува француски предлог.
Протестите се одржуваа секој ден во 19 часот, освен во петокот, кога незадоволството беше искажано преку блокади во Скопје и на магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп, а не се одржа и во саботата поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам.
Утре протестот ќе се одржи во 12 часот, пред почетокот на собраниската седница, на која ќе се расправа за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка.