Протоколот со Бугарија ќе биде објавен пред на него да се стават потписи, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ 24. Тој вели дека во протоколот, како и во францускиот предлог нема ништо спорно.
„Ветувам, протоколот ќе го објавиме пред да ставиме потпис“ изјави Османи.
Тој додаде дека и Бугарите се незадоволни од договорот.
„Тие не се задоволни, затоа што треба да признаат македонски јазик, официјално во Европската унија. Тие не се задоволни што нема поглавја, што нема одредници… единствено што добија е промена на Уставот за да бидат внесени Бугарите. Ништо повеќе нема во францускиот предлог како компромис, освен тоа“, рече Османи.
Протоколот, всушност е записникот од вториот состанок на Мешовитата меѓу владина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.
Пред речиси две недели министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе го објави билатералниот Протокол. Тој тогаш изјави дека Протоколот е усогласен во МНР, но треба да го одобри Владата кога ќе го разгледа во рамки на целиот пакет документи кои се однесуваат на францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за почеток на пристапни преговори со ЕУ.
Но и по две недели Протоколот се уште е мистерија за јавноста.
Во последната верзија на францускиот предлог која ја објави и македонската влада, Протоколот не се споменува директно во Преговарачката рамка. На негово место сега се зборува за „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација според Членот 12“. Членот 12 алудира на Договорот за добрососедство кој Северна Македонија и Бугарија го потпишаа во 2017 година.
Но тој се спомнува во предлог заклучоците на Советот на ЕУ. Во нив се вели дека на патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ, Советот ја потсетува на важноста од постигнување видливи резултати и од спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.