Заврши средбата на воените делегации од Русија и Украина во Истанбул кои се обидуваат да обезбедат безбеден извоз на украинско жито.
Турското Министерство за одбрана објави дека разговорите завршиле околу час и половина по нивното започнување, но не соопшти детали.
На состанокот учествуваа и турски воени претставници и претставници на ОН.
Целта на учесниците на состанокот е да се најде начин милиони тони жито што седат во силоси во Украина да бидат извезени од земјата преку украинските пристаништа.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана рече дека Москва на состанокот претставила пакет предлози за „брзо практично решавање на ова прашање“, пренесе новинската агенција Интерфакс.
На 13 јули се одржа првиот состанок од планираните четири.
Еден од плановите предвидува житото да се извезува со украински бродови, кои ќе влегуваат и ќе излегуваат од пристанишните води кои се минирани од нивните сили за да се спречи стравичен напад од копно и од вода од страна на руските сили.
Исто така, планот вклучува Русија да се согласи на примирје додека се движат пратките, а Турција, со помош на ОН, да ги прегледува бродовите за да ги ублажат руските стравови од шверц на оружје.
Турција соопшти дека има 20 трговски бродови кои чекаат во регионот на Црното Море, кои може брзо да се натоварат со жито и да се префрлат на светските пазари.
Украина процени дека до 25 милиони тони жито во моментов се блокирани во нејзините пристаништа.
Преговарачите се надеваат дека ќе најдат решение што ќе ги испразни силосите навреме за претстојната жетва во Украина. Дел од житото се транспортира низ Европа преку железница, по копнени патишта и преку река, но количината што се извезува е мала во споредба со она што може да се извезе преку поморските патишта.
Украина беше главен извозник на пченица и житарки како јачмен и пченка. Таа, исто така, испорачуваше речиси половина од целокупното сончогледово масло на светските пазари.
Многумина во Украина и во западните земји ја обвинија Москва дека се обидува да извезе жито што го украла од украинските земјоделци во регионите под нејзина контрола.