Полицијата од одделот за насилен криминал привела две лица и против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Од слобода се лишени луѓе со иницијали Д.Ј. (32) и С.Ј. (18) од Скопје. Во соработка со Основното јавно обвинителство Скопје против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.
„Тие се сомничат дека на 5 јули 2022 околу 21 часот, за време на одржување ненајавен јавен сoбир организиран преку социјални мрежи, започнале да фрлаат камења и разни други предмети кон полициските службеници и зградата на Собранието. Против нив се обезбедени сите докази, по што се изнесени пред судија на претходна постапка“, информира МВР.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека за време на протестите против францускиот предлог, кои се одржуваат од 2 јули, повредени се 54 полициски службеници, од кои 11 потешко.
Полицијата во неколку наврати приведе десетици луѓе за насилните протести. Дел се уапсени за учество во топла, дел за фрлање молотов коктел, а има уапсени и за пукање со пиштол на протестите.