Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја обвини Москва дека насилно депортирала стотици илјади Украинци од украинските области што ги контролира на истокот и југот.
Блинкен рече дека од 900 илјади до 1,6 милиони украински граѓани, вклучително и 260 илјади деца, биле испрашувани, приведени и депортирани од нивните домови и однесени во Русија, вклучително и во изолираните области на Далечниот исток, преку операции на „филтрација“.
Во изјавата објавена на 13 јули тој ја повика Русија да ги прекине овие операции, за кои рече дека ги прекршуваат Женевските конвенции.
„Незаконското пренесување и депортирање на заштитени лица е сериозно прекршување на Четвртата Женевска конвенција за заштита на цивили и е воено злосторство“, рече Блинкен.
Тој вели дека со овие операции се разделуваат семејства, им се одземаат украинските пасоши и им се издаваат руски.
„Тоа се прави во очигледен обид да се промени демографската структура на делови од Украина“, вели Блинкен во изјавата.
Тој вели дека се чини оти овие операции се претходно планирани и се слични на оние што Русија веќе ги практикувала во други војни, вклучително и во Чеченија.
Блинкен вели дека Русите мора да одговараат за тоа што го прават.
Изјавата доаѓа во пресрет на утрешната Конференцијата за одговорноста во Украина, за наводите за воени злосторства. Конференцијата треба да се одржи во Хаг.