На Твитер објавени броеви на пратеници и порака - „Порачајте им да не го предаваат народот“

Телефонските броеви на пратениците од владејачкото мнозинство кои ги поддржуваат „францускиот предлог“ беа објавени на Твитер со повик „Навалете“.

Листа од броеви на 39 пратеници од СДСМ, ДПТМ, ВМРО-Народна партија, ССМ, НСДП, ММ и еден независен пратеник осамнаа на Твитер. Во објавата се наведува „порачајте им да не го предаваат народот“. Станува збор за пратеници од владејачката коалиција која го поддржува францускиот предлог, кој утре треба да се разгледува во Собранието.

На листата ги нема броевите на пратениците од ДОМ, Демократски сојуз и ЛДП, кои исто така се дел од владејачката коалиција, но изјавуваат дека не се согласуваат со делови од предлогот.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение велат дека „телефонските броеви на народните избраници не се тајна и треба секој граѓанин да ги има“.

„Навистина не е разбирливо зошто пратениците на СДСМ се нервозни за објавените телефонски броеви на социјалните мрежи. Тие телефонски броеви и мобилни апарати им ги плаќа токму народот, истиот народ од кои тие се избрани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во пресрет на утрешната седница во Собранието, на која ќе се разгледува францускиот предлог, власта бара поддршка за предлогот, а опозицијата порачува дека уставните измени тешко дека ќе поминат.