Од Илинденска до работ на универзумот
САД - Првата фотографија од вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА, вреден 10 милијарди долари му дава моќност на човештвото да погледне поблиску до почетокот на времето и до работ на универзумот. Телескопот ја откри најјасната слика досега од раниот универзум, која датира 13 милијарди години наназад, соопшти НАСА.
МАКЕДОНИЈА - Демонстрантите, кои протестираат против францускиот предлог, вечерва повторно се вратија на старата рута на протести, од пред Влада до МНР, па до пред Собрание. Деветиот ден од протестите помина мирно.
РУСИЈА / МАКЕДОНИЈА - Руската амбасада во Скопје ги отфрли обвинувањата од претседателот Стево Пендаровски за наводна вмешаност на Русија во внатрешните работи во Македонија и на Балканот.
УКРАИНА - Украинската војска соопшти дека започнала голема противофанзива на југот на земјата, додека се обидува да ги поврати териториите кои претходно ги заземаа руските сили. Кремљ, пак, продолжува со бомбардирањата во источна Украина во обид да го заземе клучниот регион Доњецк.
БУГАРИЈА - Софија испрати нота до Министерството за надворешни работи во Скопје поради, како што се наведува, констатираните многубројни слогани и транспаренти насочени против Бугарија во изминатите денови во македонската јавност.
ХРВАТСКА / ЕУ - Советот за економски и финансиски работи на Европска унија (Екофин) ги усвои трите конечни правни акти, со кои Хрватска на 1 јануари 2023 година ќе може да го воведе еврото.
ЧЕШКА - Чешкото претседателство со Европската унија е подготвено за брз почеток на пристапните преговори со Северна Македонија „откако Скопје ќе го одобри европскиот предлог“ за отстранување на бугарското вето, соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
ТУРЦИЈА / РУСИЈА / ИРАН - Рускиот претседател Владимир Путин ќе отпатува во Техеран за да се сретне со своите турски и ирански колеги како дел од таканаречениот формат на разговори во Астана поврзани со Сирија, соопшти Кремљ.
ЕУ / САД - На пазарот на пари денеска едно евро вреди еден долар, што е најслабата вредност на европската валута во изминатите 20 години, а тоа е одраз на претпазливоста за ситуацијата во еврозоната, бидејќи Европа е многу повеќе погодена од тешкотиите во снабдувањето со енергија отколку САД.