Русија ги отфрли обвинувањата на Пендаровски за вмешаност во протестите во Скопје

Руската амбасада во Скопје

Руската амбасада во Скопје ги отфрли обвинувањата од претседателот Стево Пендаровски за наводна вмешаност на Русија во внатрешните работи во Македонија и на Балканот.

„Ги отфрламе обвинувањата упатени против нашата земја - Русија не се мешала, не се меша и нема намера да се меша во внатрешните работи на која било држава, вклучително и Северна Македонија, и покрај тоа што се обидуваат да ја фатат со ова. Ова е во спротивност со самата филозофија на руската надворешна политика. Добро е познато дека ваквите обиди никогаш не го носат посакуваниот ефект и на крајот ги дискредитираат оние кои прибегнуваат кон такви методи. Ние го почитуваме кој било избор на македонскиот народ, подготвени сме и понатаму да ја градиме нашата соработка заснована токму на ваквата основа - на меѓусебно почитување и еднаквост“, се наведува во соопштението од Руската амбасада.

Во соопштението се наведува дека со внимание ги следеле изјавите на претседателот Пендаровски во интервјуата за македонската телевизија ТВ 21 и за грчкиот весник Етнос во однос на делувањето на Русија во Македонија и на Балканот во целина.

Пендаровски за Етнос на 10 јули рече дека Москва произведува најсериозни хибридни закани за Балканот, а за ТВ 21 два дена претходно дека има информации дека Русија ги злоупотребува протестите во Скопје против „францускиот предлог“, но и дека се уфрлени луѓе од соседните земји да испровоцираат инциденти.