Хрватска официјално примена во еврозоната

Илустрација: Куни и евра

Советот за економски и финансиски работи на Европска унија (Екофин) ги усвои трите конечни правни акти, со кои Хрватска на 1 јануари 2023 година ќе може да го воведе еврото.

„Би сакал да му честитам на мојот колега Здравко Мариќ и на цела Хрватска што стана 20-та земја што се приклучи на еврозоната. Воведувањето на еврото не е трка, туку одговорна политичка одлука. Хрватска успешно ги исполни сите неопходни економски критериуми и од 1 јануари 2023 година ќе се плаќа во евра“, истакна чешкиот министер за финансии Збинек Стањура, чија земја претседава со Екофин.

Министерот за финансии, Здравко Мариќ нагласи дека ова е многу силна, позитивна порака до сите граѓани.

Со одлуките на Екофин, Хрватска се приклучува кон еврозоната, што денес брои над 340 милиони жители и е втора најголема економија во светот, со 15 отсто од светскиот Бруто домашен производ (БДП).

Четири месеци пред воведувањето на еврото, на почетокот на септември, во Хрватска ќе започне задолжителното двојно прикажување на цените во куни и во евра. Обврската ќе трае целата наредна година.

Повлекувањето на куните и пуштањето во оптек на банкноти и монети, евра, е многу сложена операција, затоа што за многу краток временски период ќе треба да се повлечат над 500 милиони парчиња банкноти куни и повеќе од 1,1 милијарда монети – липи.

Со ова Хрватска исполни една од двете преостанати стратешки цели за приклучување кон подлабока интеграција во ЕУ. Вториот е влез во Шенген зоната, за која најверојатно ќе се одлучува наесен, а во десеттата година од членството Хрватска би можела истовремено да влезе и во еврозоната и во Шенген.