Гас и власт
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој на Украинците во сите делови на земјата им се дозволува да добијат руско државјанство.
МАКЕДОНИЈА - Во мирна атмосфера и со присуство на голем број граѓани помина осмиот ден од протестите против францускиот предлог, чие евентуално прифаќање треба да доведе до кревање на бугарското вето и почеток на преговори за влез на земјава во ЕУ. Под мотото „Ултиматум, не благодарам“ и „Со фашисти не се преговара“, присутните излегоа да кажат „не“ како што велат за бугаризација на Македонија.
РУСИЈА - Затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални, чија Фондација за борба против корупцијата (ФБК) беше означена како екстремистичка и забранета минатата година, најави повторно покревање на групата позната по објавување извештаи за корупција меѓу највисоките руски функционери, вклучително и претседателот Владимир Путин.
СЛОВЕНИЈА - Словенија го воведе првото, од можни четири нивоа на предупредување поради можни тешкотии во снабдувањето со природен гас, а словенечката Влада издаде повеќе препораки за заштеда на енергија преку регулирање на температурата во државната администрација и јавниот сектор.
ЧЕШКА - Чешка, која го презеде претседавањето со ЕУ во почетокот на јули, активно размислува за подобрување на процесот на проширување, а еден од фокусите, според официјалните претставници во Прага, е да му се дадат на кандидатскиот статус некои предности, освен само титулата и бирократските процеси што ги повлекува овој процес, пишува Фајненшал тајмс.
МАКЕДОНИЈА - Во Собранието денеска на пленарна седница се разгледува Дополнетиот ребаланс на Буџетот, што е воедно и единствена точка на дневниот ред. На почетокот од седницата, која почна со едночасовно задоцнување поради прес-конференциите на пратениците во врска со координативната седница свикана од собранискиот спикер Талат Џафери, министерот за финансии Фатмир Бесими даде образложение за Дополнетиот ребаланс на буџетот и обраќајки им се на пратениците рече оти со поддршка на ребалансот на Буџетот се дава поддршка за повисоки пензии, повисоки плати, субвенции за поддржување на земјоделците и други антикризни мерки.
УКРАИНА - Руските сили го интензивираа гранатирањето врз источна Украина, при што вториот по големина град во земјата, Харкив, бил под оган неколку денови. Нападите на 11 јули се случија кога руските сили ги засилија обидите да ја освојат целата провинција Доњецк, која, заедно со соседната провинција Луганск, го сочинува украинскиот регион Донбас, кој стана фокус на бруталниот воен напад на Русија во источна Украина.
ЕУ - Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, во заедничка изјава наведоа дека Европа не заборави што се случи во Сребреница, како и сопствената одговорност што не можела да го спречи и запри геноцидот. „Европа потфрли во Сребреница и ние се соочуваме со сопствениот срам“, изјавија европските претставници.