Затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални, чија Фондација за борба против корупцијата (ФБК) беше означена како екстремистичка и забранета минатата година, најави повторно покревање на групата позната по објавување извештаи за корупција меѓу највисоките руски функционери, вклучително и претседателот Владимир Путин.
Навални денеска на Твитер објави дека новата антикорупциска фондација (ACF International) ќе функционира како меѓународна организација со советодавен одбор, вклучувајќи ја и неговата сопруга Јулија Навалнаја, поранешниот белгиски премиер Ги Верхофштад, кој моментално е член на Европскиот парламент, новинарката Ен Еплбаум, добитничка на Пулицерова награда и американскиот филозоф Френсис Фукујама.
„Фондацијата ќе биде целосно транспарентна и јасна, а првиот придонес за нејзиното постоење ќе биде наградата Сахаров, што ми ја додели Европскиот парламент (50.000 евра)“, се вели во твитот на Навални.
ФБК и другите групи поврзани со Навални, како и неговото политичко движење, беа прогласени за „екстремистички организации“ од руските власти во јуни 2021 година и беа распуштени.
„Разговаравме за фактот дека [рускиот претседател Владимир] Путин и неговите измамници нема да успеат да ја уништат Фондацијата за борба против корупцијата. Напротив, таа ќе стане глобална меѓународна фондација“, напиша Навални.
Навални беше уапсен во јануари минатата година по неговото враќање во Москва од Германија, каде што беше лекуван од напад со отров во Сибир во 2020 година со она што европските лаборатории го дефинираа како нервен агенс од советски стил.
Потоа му беше изречена затворска казна од две и пол години за кршење на претходна условна казна за време на неговото закрепнување во странство. Првобитната пресуда нашироко се смета за измислен, политички мотивиран случај.
Во март, Навални беше осуден во одделен случај на девет години затвор поради обвиненијата за проневера кои тој и неговите поддржувачи постојано ги отфрлаа како политички мотивирани.