Словенија донесе препораки за штедење и вклучи прво ниво на предупредување за снабдувањето со гас

Илустративна фотографија

Словенија го воведе првото, од можни четири нивоа на предупредување поради можни тешкотии во снабдувањето со природен гас, а словенечката Влада издаде повеќе препораки за заштеда на енергија преку регулирање на температурата во државната администрација и јавниот сектор.

„Станува збор за навремена подготовка за грејната сезона и можните алтернативи“, изјави министерот за инфраструктура Бојан Кумер додавајќи дека повеќето членки на ЕУ веќе издадоа слични или поостри предупредувања, но дека снабдувањето со природен гас во Словенија сè уште не е загрозено.

Тој сепак појасни дека прогласувањето на првото ниво на предупредување од страна на регулаторот, меѓу другото, е последица од прекините во набавката на руски гас преку гасоводот Северен поток.

Според Кумер, владините мерки и препораки за заштеда на енергија и нејзина рационална потрошувачка во јавниот сектор, би можеле да донесат заштеди од околу десет отсто од вкупната потрошувачка за таа намена, за ладење на просториите во лето и нивно загревање во зима, односно околу 10 милиони евра.

Министерот Кумер утре ќе го придружува премиерот Роберт Голоб на неговата посета на Берлин, каде енергетската ситуација во Европа ќе биде една од темите на разговор со германските домаќини.

Инаку денеска беше затворен гасоводот „Северен тек 1“ од Русија до Германија, поради редовно годишно одржување, при што Германија е загрижена дека откако ќе заврши работата, Русија би можела да го прекине протокот на гас, особено откако руски Гаспром во минатиот месец го намали протокот на гас преку Северен тек 1 за 60 насто.