Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, на денешниот редовен брифинг со новинарите изјави дека во моментов нема непосредна опасност во снабдувањето со природен гас. Според Иконому, со разработка на сите сценарија кои повремено ги спроведуваат надлежните органи, постои оптимизам дека Грција нема да се соочи со опасности во однос на снабдување со природен гас.
Министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас во интервју за грчката телевизија „ЕРТ“ пак објасни дека Владата има национален план и конкретни мерки во случај целосно да се прекине протокот на природен гас од Русија.
Скрекас објасни дека за замена на природниот гас што околу 40-50 отсто доаѓа од Русија, постои можност за пренесување на течен природен гас (ЛНГ) во терминалот на островот Ревитуса за рекордно време истовремено со два брода, но и дека дополнителен течен природен гас би можел да дојде преку гасоводот ТАП, но во спротивна насока од Италија кон Грција.
Ваквите изјави доаѓаат откако денеска беше затворен гасоводот „Северен тек 1“ од Русија до Германија, поради редовно годишно одржување, при што Германија е загрижена дека откако ќе заврши работата, Русија би можела да го прекине протокот на гас. Според најавите од руска страна, Северен тек 1, главниот извор на руски гас во Германија, ќе биде затворен до 21 јуни. Сепак, германските власти се сомничави во намерите на Москва, особено откако руски Гаспром во минатиот месец го намали протокот на гас преку Северен тек 1 за 60 насто.
По почетокот на руската инвазија, а поради одлуката на Русија гасот да се плаќа во рубљи, Русија прекина испораки на гас во повеќе земји меѓу кои и Бугарија, Полска и Финска.
Руската компанија Газпром побара европските земји да ги платат испораките на руски гас во рубљи поради санкциите воведени поради неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина.