Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук ги повика жителите на јужниот регион Керсон, окупирана од Русија, итно да се евакуираат додека украинските вооружени сили подготвуваат контранапад. Украина ја загуби контролата врз поголемиот дел од црноморскиот регион Керсон, вклучувајќи го и нејзиниот истоимеен главен град, во првите недели од руската инвазија. „Јасно е дека ќе има борби, ќе има артилериско гранатирање и затоа ги повикуваме луѓето веднаш да се евакуираат“, рече вицепремиерката и додаде дека не може точно да каже кога ќе се случи контраофанзивата.
Зеленски: Западната артилерија „дејствува многу моќно“
„Сигурно знам дека таму не треба да има жени и деца и дека тие не треба да станат жив штит“, рече Верешчук. Властите назначени од Русија во Керсон велат дека сакаат да одржат референдум за приклучување кон Русија, но сè уште не одредиле датум. Кремљ најави дека иднината на регионот треба да ја одредат неговите жители. Регионот Керсон го опфаќа градот Керсон, кој пред војната имал речиси 300.000 жители. Руското Министерство за одбрана на 26 април објави дека Керсонската област е целосно под нивна контрола.