Најмалку 15 Украинци загинаа во руски ракетен напад врз станбен блок

Урната зграда во регионот Доњецк.

Украинските спасувачи извлекоа 15 тела откако руските ракети „Ураган“ погодија и урнаа петкатница во источниот регион Доњецк, соопштија денеска властите.

Повеќе од 20 луѓе сѐ уште се заробени во урнатините, објави на Фејсбук локалниот огранок на украинската служба за итни случаи. Во соопштението се вели дека пет лица се извлечени од урнатините живи и дека спасувачите биле во контакт со најмалку три лица заробени под урнатините.

Павло Кириленко - началникот на воената администрација на Доњецк, изјави дека нападот се случил доцна на 9 јули во Часив Јар, град со околу 12.000 жители.

Началникот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак, рече дека ова е „уште еден терористички напад“ и дека Русија треба да биде означена како „држава спонзор на тероризмот“.

Ракетниот напад врз Часив Јар е последен во низата неодамнешни руски напади врз цивилни структури во Украина, во кои има голем брј жртви.

Најмалку 19 лица загинаа кога руски проектил погоди трговски центар во градот Кременчук кон крајот на јуни. Претходно овој месец, 21 лице загина кога станбена зграда и рекреативна зона беа под ракетен оган во јужниот регион Одеса.

Русија, која вели дека спроведува „специјална воена операција“ за демилитаризација на Украина, негира дека цели на цивили во војната. Немаше коментар за Часив Јар на брифингот на руското Министерство за одбрана на 10 јули.

Повеќекратни ракетни напади беа пријавени и во вториот по големина град во Украина, Харкив, недалеку од руската граница.

Ракетите, испукани во раните утрински часови на 10 јули, погодија училиште, приватна куќа и детски санаториум, делумно уништувајќи ги зградите, соопшти обвинителството во Харкив. Еден 62-годишен маж е ранет во нападите, се вели во објавта на Телеграм.

Украинските власти денеска соопштија дека руските сили нападнале области во близина на источниот град Славјанск, но дека биле принудени да се повлечат.

Серхи Хејдеј, гувернер на источниот регион Луганск изјави дека руските војници се собираат во селото Билохоривка, околу 50 километри источно од Славјанск.

„Непријателот ги гранатира околните населени места, изведува воздушни напади, но сè уште не може брзо да го окупира целиот регион Луганск“, рече Хејдеј на Телеграм.

Доњецк и Луганск го сочинуваат регионот Донбас, каде што сепаратистичките бунтовници поддржани од Русија се борат против украинските сили од 2014 година.

Минатата недела руските сили го зазедоа градот Лисичанск, последното големо упориште на украинскиот отпор во Луганск.