Блнкен во посета на Тајланд за зајакнување на регионалната поддршка

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и тајландскиот министер за надворешни работи Дон Прамудвинаи. Бангкок, 10 јули 2022 година.

Соединетите Држави и Тајланд денеска потпишаа договори за продлабочување на врските, додека Вашингтон ги засилува напорите да се спротивстави на зголеменото влијание на Кина во Азија.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и тајландскиот министер за надворешни работи Дон Прамудвинаи ветија унапредување на партнерствата за борба против климатските промени, како и соработката за спроведување на законот и безбедноста.

„Партнерството меѓу нас во потполност го пренесуваме во 21 век“, рече Блинкен, додавајќи дека Тајланд е важен сојузник „во регион кој ја обликува траекторијата на векот“.

„Ги поставивме и темелите за следните 190 години“, рече тајландскиот министер за надворешни работи, потсетувајќи дека двете земји следната година ќе одбележат 190 години од официјално воспоставените односи.

Посетата на Блинкен на Тајланд доаѓа еден ден откако тој се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Индонезија на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се обидува да ги зајакне врските со регионот каде што, под поранешниот претседател Доналд Трамп, Кина го прошири своето влијание со притисок за инвестиции и трговска интеграција.

Претходно во неделата, Блинкен се состана со младинските лидери на Мјанмар во Бангкок, главниот град на Тајланд.

По Тајланд, тој ќе го посети Токио за да му изрази сочувство на јапонскиот народ поради атентатот на поранешниот премиер Шинзо Абе, соопшти Стејт департментот.