Опозициските политички партии во Шри Ланка ќе се состанат денеска за да договорат нова влада, откако претседателот и премиерот на земјата ги понудија своите оставки во најхаотичниот ден од неколкумесечните политички превирања.
Демонстрантите во саботата упаднаа во резиденциите на претседателот и премиерот на Шри Ланкаи таму ја минаа ноќта, незадоволни од економската криза во земјата. Денеска тие рекоа дека не заминуваат додека лидерите на земјата не поднесат официјална оставка.
На нацијата од 22 милиони жители и недостигаат храна и гориво, а инфлацијата во јуни достигна рекордни 54,6 отсто.
Опозиционерот М.А.Сумантиран рече дека сите опозициски партии можат лесно да ги соберат 113 претставници потребни за мнозинство во парламентот, по што ќе побараат од претседателот Готабаја Рајапакса да објави нова влада и да поднесе оставка.
Тој рече дека партиите се надеваат дека денеска ќе постигнат консензус.
Претседателот на Шри Ланка Готабаја Рајапакса, кој вчера побегна од својата официјална резиденција откако илјадници демонстранти упаднаа во неа, се согласи да поднесе оставка следната недела, изјави на 9 јули претседателот на парламентот Махинда Абејварден.
Премиерот Ранил Викремесинг најави дека ќе ја напушти функцијата кога ќе се формира новата влада.
Притисокот врз нив се зголеми бидејќи економскиот колапс предизвика недостиг на основни прехранбени производи, принудувајќи ги граѓаните да се мачат за храна, гориво и други потреби.
Доколку и претседателот и премиерот поднесат оставки, претседателот на парламентот Махинда Јапа Абејварден, во согласност со Уставот, ќе ја преземе функцијата привремен претседател.
Илјадници демонстранти се собраа во саботата во главниот град Коломбо и упаднаа во резиденцијата на претседателот. Демонстрантите подоцна упаднаа во приватната резиденција на премиерот и ја запалија.