Борби на истокот и југот на Украина, загинаа шест цивили

Уништен трговски центра од руските напади во регионот Донбас.

Украина денеска извести за судири со руски војници на боиштата на истокот и југот на земјата, во кои загинале шест цивили во еден ракетен напад.

Руските сили ги нападнаа украинските позиции во близина на источниот град Славјанск, но беа принудени да се повлечат, соопшти украинската војска.

Таа исто така соопшти дека руските сили извршиле напад со крстосувачки ракети, од нивната страна на границата врз североисточниот град Хракив. Војската не објави податоци за штети или жртви.

Гувернерот на областа Луганск Серхи Гајдаи изјави дека руските сили се собираат во областа на селото Билохоривка, на околу 50 километри источно од Славјанск.

„Непријателот ги гранатира околните населби, изведува воздушни напади, но сè уште не може брзо да го заземе целиот регион Луганск“, објави тој на Телеграм.

Во текот на изминатата ноќ Русите извршиле седум артилериски и четири ракетни напади, јавува Ројтерс. Засега нема независна потврда на оваа информација од бојното поле.

Русија вели дека сака да ја преземе контролата врз целиот источен индустриски центар Донбас, во име на сепаратистите поддржани од Москва во двете самопрогласени народни републики.

Гувернерот на областа Доњецк изјави дека шест цивили загинале во руски ракетен напад врз станбена зграда во градот Часив Јар, на околу 30 километри југоисточно од Славјанск. Се верува дека околу 30 луѓе се заробени во урнатините.

Во меѓувреме, руската новинска агенција Тас ги цитира проруските сепаратисти дека украинските сили гаѓале артилерија врз станбени области во Доњецк. Не можеше да се контактира со портпаролот на украинската војска за коментар.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во саботата дека руската армија намерно гаѓала цивили.

Русија, која минатиот викенд ја презеде контролата врз целата провинција Луганск, ги отфрли обвинувањата.