Русија стави вето на продолжување на непходната програма за хуманитарна помош на Обединетите нации за Сирија, додека хуманитарните групи и дипломатите предупредуваат на потенцијална катастрофа.
Програма на ОН за добивање храна, лекови, засолниште и друга помош за околу 4 милиони луѓе, во делот на северозападна Сирија којшто е контролиран од опозицијата, е во сила од 2014 година.
Дипломатите се мачеа да го продолжат актуелниот мандат на Советот за безбедност на ОН со кој се овластува механизмот, кој истекува на 10 јули.
Таа програма ја насочува помошта од Турција преку граничниот премин Баб ал-Хава.
Русија, која ја поддржува владата на сирискиот претседател Башар ал Асад, сигнализираше дека сака да го затвори Баб ал Хава. Главниот аргумент на Русија е дека операцијата за помош на ОН преку Баб ал-Хава го нарушува суверенитетот на Сирија и вели дека повеќе помош треба да се достави од внатрешноста на земјата.
Москва на 8 јули стави вето на нацрт-резолуцијата на Ирска и Норвешка со која програмата би продолжила уште една година.
Заменик-амбасадорот на Русија во ОН Дмитриј Полјански изјави дека единственото решение на кое Москва нема да стави вето е нејзиното, преку алтернативен пат.
Опозиционерите стравуваат дека испраќањето храна и друга помош од самата Сирија ќе и овозможи да падне под владина контрола.
Генералниот секретар Антонио Гутереш минатиот месец апелираше до Советот да ја продолжи операцијата за помош: „Не можеме да се откажеме од народот на Сирија“.
Амбасадорот на Соединетите Држави во ОН го осуди руското вето, нарекувајќи го „мрачен ден во Советот за безбедност. “
„Одамна реков дека ова е прашање на живот и смрт“, рече Линда Томас-Гринфилд.
Обединетите нации минатата недела соопштија дека во првите 10 години од сирискиот конфликт, кој започна во 2011 година, биле убиени повеќе од 300.000 цивили.