Бугарската центристичка партија „Продолжи ја промената“ објави дека не успеала да обезбеди поддршка од мнозинството во Парламентот за да предложи нова коалициска влада.
Асен Василев, кој се очекуваше да биде номиниран за иден бугарски премиер, на 8 јули го информираше претседателот Румен Радев дека партијата не ја добила поддршката од најмалку 121 пратеник во 240-члениот Парламент.
Василев, кој беше министер за финансии во претходната прозападна влада, на прес-конференција рече дека партијата има поддршка од 117 пратеници подготвени да ја поддржат програмата на партијата ПП.
Партијата го доби мандатот за формирање влада пред една недела, откако коалициската влада што ја предводеше падна со гласање за недоверба на Парламентот.
Коалицијата почна да се распаѓа по руската инвазија на Украина во февруари.
Владата, која ја презеде кабинетот во декември со ветувања дека ќе се справи со корупцијата на високо ниво, беше соборена со гласањето за недоверба поради несогласувањата за економијата и за тоа дали Софија треба да се откаже од противењето на пристапувањето на Северна Македонија во Европската унија.
Доколку не успеат последователните обиди за формирање влада, претседателот ќе го распушти парламентот и ќе распише нови избори. Тоа би биле четврти парламентарни избори во Бугарија од април минатата година.