Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков признал вина за случајот „Империја“ и ќе оди три години во затвор, но ќе му се одземе и долг список со имот. Сепак тој нема да остане без ништо. Уделот во Мериот и куќа во вредност од милион евра нема да му се одземаат.
Основниот кривичен суд – Скопје ги одобри спогобите постигнати помеѓу јавниот обвинител Лиле Стефанова од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и осомничените Сашо Мијалков и Tодор Мирчевски за случајот „Империја“, информираат од Основното јавно обвинителство.
Мијалков ја признал вината и е виновен за злосторничко здружување и противправно стекнување и прикривање имот. Тој со група други осомничени ги извршувал делата преку правни лица основани во државава на кои им била прикривана сопственоста, но и оф-шор компании во странство. Приходите стекнати со пренос на капиталот обвинетиот не ги пријавувал во анкетните листови, иако за цел период опфатен со истрагата извршувал јавна функција.
На Мијалков нема да му се одземе уделот од 46 отсто во Девелоп Груп, односно во хотел Мериот во вредност од 3,5 милиони евра, потоа акции во вредност од 723 илјади евра од ЗК Пелагонија, 250 илјади евра акции од Бетон Штип АД што ги поседува правното лице ДПТУ Ексико ДООЕЛ и недвижен имот – куќа во вредност од речиси милион евра.
На Мијалков му се конфискува друг негов имот и тоа 5,5 милиони евра во кеш од банкарската сметка на правното лице ДТУ Макпоинт ДООЕЛ Скопје на кое единствен сопственик е обвинетиот Сашо Мијалков.
Освен готовината му се конфискува и недвижен имот и хартии од вредност пренесени на трети лица. Мијалков останува без 26 локали од хотелски деловен простор, акции од Стопанска банка Битола со вредност од 350 илјади евра.
Му се одзема неизградено земјиште и шума на Водно во вредност од 2,7 милиони евра. Потоа земјиште во место Џибарица на Кожув во вредност од 15 илјади евра. Му се одземаат два стана од 46 и 58 квадрати на адреса Горица во Охрид , плус помошни простории од 19 и 58 квадрати на истата адреса. Му се одзема имот под зграда во Охрид со површина од 2740 м2 и помошни простории од хотел во Охрид, сето тоа во вредност од 360 илјади евра. Два апартмани во Панорама Резиденс во Скопје од 91 и 94 метри квадратни, како и две помошни простории во вредност од 2706 илјади евра.
Тој останува и без градежно изградено земјиште и апартмани во Центар. Станува збор за 25 апартмани, плус помошни простории, гаражи, деловни простори и плацеви на адреса Славејко Арсов на Водно, сето тоа во вредност од 3,5 милиони евра. Му се одземаат сите пари на сметка на фирмата Ексико во Стопанска банка Битола и Комерцијална банка, како и земјите во Богородица, Гевгелија, сето тоа во вредност од 4,5 милиони евра. Се одзема и деловниот простор на Инвестмент ДООЕЛ на улица 11 Октомври, карши ЗОИЛ. Станува збор за четири деловни простори, една помошна просторија и гаража во вредност од 1,1 милион евра.
Доколку не е можно делумно или целосно да биде извршено конфискувањето на овој имот, ќе се одземе друг имот од Мијалков. Покрај тоа, обвинетиот задолжен е да плати и парична казна од две илјади евра.
Вториот обвинет Tодор Мирчевски со спогодбата признава дека сторил сторил кривично дело – злосторничко здружување и перење пари. Делата ги сторил во својство на управител и член на одбори на повеќе правни лица опфатени со постапката. Тој добива казна затвор од три години.
Видете и ова: Ако имаш пари ќе се договориш и за слободаЈавното обвинителство ја продолжува постапката за другите осомничени во предметот „Империја“, соопштуваат од ОЈО.
Претходно за истиот случај беа изречените затворски казни, како и уплатената сума во износ од 5,2 милиони евра. Спогодба претходно направија бизнисменот Орце Камчев и неговиот соработник Ненад Јосифовиќ.
Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година.
Осомничени, освен Камчев, Јосифовиќ и Мијалков беа уште 10 лица - нивни соработници, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.