На Мијалков ќе му бидат конфискувани 25 станови во Скопје

Архивска фотографија - Сашо Мијалков пред суд

Три години затворска казна и конфискација на имот во вредност од околу 30 милиони евра, на ова се согласил поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков откако ја признал вината за случајот „Империја“, потврдува Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за МИА.

„Според процената за 2011, 2013, 2016 и 2019 година вредноста за недвижниот имот е околу 17 милиони евра, но со оглед на покачување на недвижностите, бидејќи сепак се работи за 25 станови во Скопје сметаме дека негде имотот е околу 30 милиони евра“, изјави Русковска.

Претходно за истиот случај со Обвинителство се спогоди и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев. Тој доби една година затвор и да уплати 5,1 милиони евра на државниот буџет преку УЈП.

Опозициската партија Алијанса за Албанците, по спогодбата меѓу Обвинителството и Мијалков прашува кој го спаси поранешниот прв човек на УБК. Од АА прашуваат и кој преговарал со Мијалков, дали тоа бил Артан Груби или пак Али Ахмети на тајни средби со амбасадорите на Русија и Србија.

Истрагата за случајот „Империја“ по три и пол години заврши неодамна и резултираше со замрзнување на имотот на фирми поврзани со Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година. Осомничени, освен Камчев, Јосифовиќ и Мијалков беа уште 10 лица - нивни соработници, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.