Путин - Санкциите може да доведат до катастрофални поскапувања на енергијата за Европа

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека продолжувањето на санкциите против Русија може да доведе до катастрофални поскапувања на енергијата за европските домаќинства.

„Знаеме дека Европејците се обидуваат да ги заменат руските енергетски ресурси. Сепак, очекуваме резултатот од ваквите акции да биде зголемување на цената на бензинот и зголемување на цената на енергетските ресурси за крајните потрошувачи“, рече Путин на 8 јули за време на видео средба со високи функционери.

Путин вели дека ситуацијата во рускиот сектор за гориво и енергија останува стабилна и тврди дека санкциите предизвикуваат многу поголема штета на земјите што ги воведуваат, отколку на Русија.

„Понатамошната употреба на санкции може да доведе до уште потешки, катастрофални последици на глобалниот енергетски пазар“, рече тој.

Ова е втор пат во два дена Путин да се пожали на западните санкции. На 7 јули тој рече дека санкциите не успеале да ја постигнат својата цел да посеат поделби и расправи во руското општество и да го деморализираат рускиот народ.

Западот воведе санкции против Русија откако започна инвазијата на Украина на 24 февруари.

Путин рече дека руските енергетски компании треба да се подготват за ембаргото за нафта од Европската унија кое ќе стапи на сила подоцна оваа година. Европската унија веќе воведе ембарго за јаглен, кое ќе стапи на сила од август. Тој вели дека веќе се разгледуваат опциите за развој на железничката и гасоводна инфраструктура за снабдување со руска нафта и нафтени деривати на пријателските земји.

Русија веќе го прекина снабдувањето со енергенси кон бројни европски земји, откако тие одбија да плаќаат во рубљи.