МНР - Амбасадата во Атина контактира со властите во врска со уапсените наши државјани за трговија со дрога

Илустрација

Македонската амбасада во Атина е во контакт со грчките власти во врска со тројцата македонски државјани осомничени за шверц на дрога, соопшти Министерството за надворешни работи.

Од грчките власти Амбасадата добила информации дека се уапсени тројца македонски државјани за трговија со дрога.

Во соопштението на МНР, се посочува дека тројцата осомничени македонски државјани се со иницијали О.П, Г.П. и Н.Т.

Претходно дописничката на МИА од Атина јави дека во средата на грчкиот остров Миконос се уапсени тројца државјани на Северна Македонија – двајца мажи на возраст од 34 и 35 години и 21-годишна девојка, под обвинение за трговија со дрога.

Од грчката полиција соопштија дека по темелна полициска истрага, било „разбиено јадрото на мрежа на странски државјани кои систематски тргувале со дрога на Миконос“ и меѓу другото биле запленети 437 таблети екстази, 219,8 грама кокаин, 270,9 грама метамфетамин и 155,7 грама канабис.

Уапсените биле организирани во криминална група, со конкретни улоги, едниот бил набавувач и имал лидерска улога, останатите биле шверцери, а дрогата на островот ја продавале во мали пакувања до заинтересираните корисници на дрога. Дополнително е уапсено уште едно лице, либански државјанин, во обид да се снабди со дрога.

Освен дрогата, грчката полиција кај уапсените пронашла и запленила три мобилни телефони, 2.370 евра, како и мотор со кој ја пренесувале дрогата.

Грчкиот портал „Прототема“ јави дека уапсената е ќерка на македонски политичар. Порталот објави и фотографии од девојката со заматено лице, но не објави иницијали. Дел од медиумите во Македонија потоа јавија дека се работи за ќерка на поранешен градоначалник. Иницијали за уапсените подоцна објави македонското МНР.