Брнз - Почнете преговори со ЕУ, а потоа ќе имате можност за различни избори ако не ве слушаат

Амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мери Брнз

САД ја охрабруваат С. Македонија да продолжи на патот кон евроатланската иднина со сегашниот предлог за пристапување во ЕУ, наведува американската амбасадорка Кејт Мери Брнз во отворено писмо до македонската јавност.

Таа наведува дека изборот да се продолжи напред е одлука на земјава како суверена нација, иако знае дека одлуката е тешка.

„Кога ќе сте на преговарачката маса, и кога ќе сметате дека вашите забелешки не го добиваат потребното внимание, ќе имате можност да направите различни избори. Но, треба да го направите првиот чекор за да стасате до вториот“, пишува Брнз.

Во писмото стои дека предлогот претставува реално најдобра можност конечно да ја придвижи земјата напред на патот кон ЕУ, истовремено зајакнувајќи ја улогата на земјата во одлучувањето за сопствената иднина.

Амбасадорката наведува дека САД, како сојузник, партнер и пријател на земјавата има реален интерес во обезбедувањето на евроатлантска иднина на С. Македонија.

Таа наведува дека знае оти одлуката за прифаќањето на предлогот е тешка, но како што вели, земјава и другпат носела тешки одлуки.

„Но прифаќањето на овој предлог значи дека конечно ќе имате место на масата за пристапни преговори. Тоа ве става во истата просторија со земјите-членки на ЕУ, од кои многу се ваши блиски партнери и сојузници. Европската комисија ќе ги прима вашите тимови во Брисел и ќе испраќа свои експерти тука на терен, за да го спроведат процесот на скрининг и самите да станат сведоци на живото демократско општество овде. Откако ќе ги започнете преговорите ќе имате повеќе алатки на располагање и, благодарение на новата методологија, ран пристап до фондовите и програмите на ЕУ, кои ќе можете да ги користите за реализација на сопствените цели и изградба на иднина каква што посакувате за себе и за вашите деца. А тогаш кога ќе бидете членка на ЕУ, ќе имате еднаков глас внатре во Унијата, исто како што сега имате во НАТО“, пишува во писмото на амбасадорката.