„Продолжуваме со промената“ ќе го врати мандатот за формирање влада

Кирил петков во посета на Грција, 8 јули 2022

„Продолжуваме со промената“(ПП) ќе го врати мандатот за формирање влада што претходно го доби од претседателот на Бугарија Румен Радев, изјави бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков, јавува БТА. Тој ова го изјави за време на денешната посета на Грција каде присуствува на отворање на гасната интерконекција Грција-Бугарија.

Партијата го доби мандатот пред една недела, а петок беше краен рок за формирање влада. Се очекува во 17 часот предложениот за премиер и моментално вицепремиер во оставка Асен Василев да го врати мандатот.

„Денеска видовме дека нема да има 121 човек што не се плаши“, рече Петков.

Неговиот кабинет поднесе оставка откако парламентот успешно изгласа недоверба на владејачката коалиција претходно во јуни.

Тоа уследи откако лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов ја повлече својата партија од владејачката коалиција под изговор дека Петков води двојна надворешна политика на тема евроинтеграции на Скопје.

Откако ПП не формираа влада, Радев ќе ѝ го додели мандатот на ГЕРБ, но од партијата се изјаснија дека веднаш ќе го вратат без да се обидат на формираат влада.

При таков развој на настаните, претседателот по трет и последен пат ќе го додели мандатот на некоја од останатите партии по негов избор. Ако и тогаш не се избере влада, парламентот ќе се распушти и ќе се закажат нови предвремени избори.