„На редовната понеделничка координација во Собранието ќе се разговара за тоа кога би можело да се одржи пленарната седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Македонија со Европска Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европска Унија на 30 јуни 2022 година“, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери, додавајќи дека за тоа ќе се разговара на координацијата на која како владин претставник ќе присуствува вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.
Францускиот предлог стигна во Собрание
„В понеделник имаме координација на која ќе присуствува и владиниот претставник и ќе разговараме. Ќе се направи проценка. Материјалот е дојден во Собранието, но во понеделник треба да почне седницата за ребалансот на Буџетот“, вели Џафери. Тој појасни дека пленарната седница со единствена точка на дневниот ред за ребаланс на Буџетот, треба да трае најмногу пет дена и е закажана согласно роковите и оти мора да почне, но доколку има потреба ќе биде прекината и ќе биде закажана нова седница на која на дневен ред би била Информацијата испратена од Владата.
Протоколот или преговарачката рамка, првата „сопка“меѓу власта и опозицијата
Имајќи предвид дека до Собранието беше испратена само Информација, а не и документите односно францускиот предлог, Џафери вели дека сите документи се веќе јавно достапни и секој може да ги види. Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Македонија со Европска Унија Владата до Собранието ја испрати вчера. Согласно процедурите, материјалот е доставен до пратениците, но во него не се содржани францускиот предлог и соодветните документи.