Француската влада најави национализација на најголемата електроенергетска компанија во земјата во обид да постигне енергетски суверенитет во време кога Европа се соочува со енергетска криза влошена со руската инвазија на Украина. Француската премиерка Елизабет Бурн изјави дека државата целосно ќе ја национализира Electrité de France (EDF), давајќи ѝ на владата поголема контрола врз реструктуирањето на компанијата која е зафатена со долгови, јави Ројтерс. Компанијата ЕДФ, во која државата веќе поседува 84 насто, е една од најголемите европски компании за производство на електрична енергија и е во сржта на француската нуклеарна стратегија со која владата сака да ги ублажи последиците од поскапувањето на енергијата и прекинот на испораките на руски гас.
ЕУ пратениците го поддржаа предлогот гасот и нуклеарната енергија да се сметаат за одржливи извори
Таа компанија, сепак, како што истакнува Ројтерс, наместо да биде адут на владата, стана нејзина најголема главоболка поради повеќегодишните одложувања на изградбата на новите нуклеарни централи во Франција и Британија, со пречекорувања на буџетот од повеќе милијарди евра. Компанијата беше погодена и од владините одлуки кои ја принудија да продава електрична енергија по пониски цени, како дел од напорите да ги заштити француските потрошувачи од наглото зголемување на трошоците за живот. Франција добива околу 70 насто од својата електрична енергија од нуклеарна енергија, што е поголем удел од која било друга земја во светот.