Длабоки несогласувања на состанокот на Г20 на Бали, без средба на Блинкен и Лавров

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на отворањето на сесијата на Г-20

Министрите за надворешни работи на членките на Групата 20 најголеми светски економии (Г20) денеска на Бали покажаа длабоки несогласувања за руската војна во Украина и борбата со глобалните последици од тој конфликт. На средбата, на која американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за прв пат беа во иста просторија од почетокот на руската инвазија на Украина, домаќинот на средбата, Индонезија, упати емотивен апел за единство и крај на таа војна. Индонезискиот министер за надворешни работи Ретно Марсуди ги повика учесниците, меѓу нив и кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, да ја надминат недовербата за доброто на планетата која се соочува со повеќе предизвици, од пандемијата на корона вирусот до климатските промени до војната во Украина.

Блинкен ќе бара притисок од Г20 врз Русија да ги отвори морските патишта

Лавров и Блинкен не покажале интерес еден за друг и не планираат да се сретнат, наведува Асошиејтед прес. Лавров, кој веднаш ја напушти салата по говорот рече дека Русите не ги прекинале „сите контакти, туку САД“. Набргу потоа, Блинкен директно ја обвини Москва дека блокира милиони тони жито во украинските пристаништа и со тоа предизвикува недостиг на храна во големи делови од светот, рече еден западен дипломат присутен. Американските власти велат дека централното прашање на состанокот на Бали треба да биде нарушувањето на снабдувањето со храна и енергија во светот, предизвикано од руската војна во Украина.

Зеленски поканет на Г20 во Индонезија, можна средба со Путин

Русија останува членка на Г20 и покрај санкциите наметнати од Западот поради војната во Украина, но САД и нивните сојузници најавија дека ќе го бојкотираат самитот во ноември доколку биде поканет рускиот претседател Владимир Путин. Членките на Г20 се САД, Русија, Кина, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Турција, Канада, Мексико, Бразил, Аргентина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Индонезија, Саудиска Арабија, Јужна Африка и Европска унија. Тие имаат удел од 80 проценти во економското производство во светот и околу две третини од светското население.