Шести ден протести против францускиот предлог, Мицкоски порача дека нема на наседнат на провокации

Граѓаните се собираат пред Владата на шестиот ден од протестите против францускиот предлог

Под мотото „Ултиматум – Не благодарам“ и вечерва се одржува протест против францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за почнување пристапни преговори со ЕУ. Преку протестите, граѓаните го искажуваат својот револт од европскиот документ за кој сметаат дека е штетен за државата и националните интереси.

Граѓаните се собрираат пред Владата, од каде според најавите, протестот ќе продолжи со марш до Министерството за правда, а ќе заврши пред Собранието.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој и вечерва протестираше заедно со граѓаните, порача дека нема да наседнат на провокациите за насилства на протестите.

„Да им порачаме едно големо НЕ на тие кои се обидуваат да го контаминираат овој сенароден, чист протест. Силата не е во насилството, силата е во масовноста. Насилството е предавство на вредностите во кои веруваме, а ние веруваме во мирен и демократски начин на изразување незадоволство против она што ни го подготвува оваа ненародна власт“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи уставните измени за кои во Собранието е потребно двотретинско мнозинство.

„Македонската јавност да биде сигурна дека што и да се случува понатаму со ова национално предавство и катастрофа која што ја подготвува Владата на СДСМ и ДУИ, ВМРО ДПМНЕ во Парламентот тоа нема да го прифати. За тоа се потребни 80 пратеника, бидете сигурни дека тие 80 пратеника ги немаат и тоа треба на сите да им е јасно и во Македонија и надвор од Македонија“, рече Мицкоски.

Непосредно пред почетокот на протестот и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски повика на свесност и одговорност на протестите.

„Очекувам сите политички партии да бидат на ниво на својата одговорност и да повикаат на мирни протести. Заеднички да го сочуваме достоинството на нацијата, а притоа да се спречат немири кои би значеле нови поделби на штета на граѓаните и државата“, апелираше Спасовски.

Во неговиот апел до граѓаните и политичките партии кои сакаат да го искажат своето право на протест, Спасовски побара тоа да го сторат на начин преку кој ќе демонстрираат демократски капацитет, со должно почитување на законските одредби за јавни собири, како и почит кон должноста на полициските службеници во обезбедувањето на мирот и стабилноста.

Попладнево пак Владата ја разгледа информацијата од Министерството за надворешни работи, за предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со ЕУ, претставена од Француското претседателство со Европската Унија, како и ја проследи до Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно собраниските процедури.

Од Собранието потврдија дека е доставена предлог преговарачката рамка и оти материјалот ќе биде доставен до пратениците, но дека седница за оваа точка не е закажана за вечерва.

Претходните два дена протестите ескалираа при што имаше повеќе повредени полицајци и приведени демонстранти. Ова е шестти ден како граѓани протестираат против прифаќањето на францускиот предлог.