Опозициската Алијанса за Албанците (АА) објави дека ја прекинува соработката со сите политички субјекти кои прават политичко профитерство со анатемизирање на Албанците, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ со која соработуваше на последните локални избори.
„Контаминацијата и метастазирањето на Левица во ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на заедничките сценарија на ДУИ и ВМРО како во времето на груевизмот, сега со поддршка и на СДСМ, се лесни за читање и неприфатливи за АА. Не дозволуваме да бидеме ниту дел, ниту жртва на вакви сценарија. АА не дозволува повредување на Албанците, ниту омаловажување на Албанците, ниту нарушување на гордоста на Албанците. Затоа, без оглед на постојаните тенденции за извалкување на АА, нејзиниот чист и прав пат, кон западните вредности, кон целосна рамноправност на Албанците овде во Северна Македонија, објавуваме дека соработките кои се обидоа да и ги подметнат на Алијансата се само инсинуации во болните умови на нашите политички опоненти“, изјави Вјолца Бериша, генералната секретарка на АА.
Ова следува по последните случувања околу протестите во Скопје против францускиот предлог, меѓу кои и вчерашните настани поврзани со групата што се појави кај плоштадот Скендербег која ги нападна демонстрантите што маршираа во тој дел од градот. Дел од групата, со пиштол во рака, беше и член на АА и брат на Зуди Енузи, в.д. директор на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ во Скопје. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави фотографија од лицето обвинувајќи дека сакал да го убие. Скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска го разреши неговиот брат од директорската функција.