Притвор за осум лица кои учествувале во настаните пред Собранието

илустрација, фотографија од протестите против францускиот предлог, Скопје јули 2022

Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство определи мерки притвор за осум лица кои учествувале во настаните пред Собранието на Република Северна Македонија 5-ти јули 2022 година. За седум лица судот им определи мерка куќен притвор, а на еден од осомничените мерка притвор, сите во траење од осум дена.

„Осуммината во текот на вчерашниот ден се спроведени пред судија на претходна постапка при Кривичниот суд, кој по произнесување на осомничените во присуство на бранител, ги донесе овие решенија,“ се вели во соопштението од Кривичен.

Против овие, неправосилни решенија, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Основното јавно обвинителство Скопје, претходно поведе постапка против осум полнолетни лица, за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што стои во соопштението од ОЈО, осомничените, за време на јавен собир на граѓани, учествувале во толпа и заеднички дејствувале така што започнале да ја влечат заштитната метална ограда поставена од МВР. Oткако ја оттргнале оградата, со тврди предмети – камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци, пиротехнички средства и молотови коктели започнале да фрлаат кон зградата на Собранието.

Од осумтемина осомничени, шест се на возраст меѓу 18 и 22 години, еден е на возраст од 30 и еден на возраст од 36 години. За настанот се пријавени и три малолетни лица, за кои постапката ќе се води согласно Законот за правда за децата.​