Францускиот предлог стигна во Собрание

илустрација

Владата одлучи предлог-преговарачката рамка да ја проследи до Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, соопштија попладнево од македонската влада.

Владата на Република Северна Македонија, на денешната 59-та седница, ја разгледала информацијата од Министерството за надворешни работи, за предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со ЕУ, претставена од Француското претседателство со Европската Унија.

„На седницата, Владата одлучи предлог-преговарачката рамка да ја проследи до Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението од Владата.

Инаку парламентарните групи вчера одржаа прва средба за разгледување на забелешките што ги имаат на францускиот предлог, но според најавите од партиите, денеска нема да има нова средба.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека следна средба би имала смисла само доколку ДУИ и СДСМ прифатат сите заедно како Влада, Собрание и држава да упатат забелешки за корекција на францускиот предлог. ВМРО-ДПМНЕ има предлог забелешки и за Општиот став на ЕУ (Преговарачка рамка) и за Заедничкиот став на ЕУ (Преговорите за пристапување) во однос на Македонија.