Брнабиќ: Нејасна е резолуцијата на ЕП за меѓусебно признавање на Србија и Косово

Српската премиерка Ана Брнабиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека не и е јасна резолуцијата на Европскиот парламент со која Србија и Косово се повикуваат да постигнат договор за нормализација на односите „врз основа на взаемно признавање“.

„Европската комисија во својот официјален документ, преговарачката позиција за поглавјето 35, што во нашиот случај се однесува на Косово и Метохија и нормализацијата на односите со Приштина, не споменува ниту еден збор за признавање, туку вели сеопфатна нормализација на односите со Приштина. “, рече Брнабиќ одговарајќи на прашања на новинарите во Крагуевац.

Брнабиќ изјави дека „може само да претпоставува дека Европскиот парламент ќе и наложи на Европската комисија да ја промени таа преговарачка позиција“.

„И тогаш не ми е јасно како ќе ја смени преговарачката позиција среде преговарачкиот процес, бидејќи тоа не се мали промени во правилата. Ќе има огромни промени“, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека, што се однесува до неа, „топката“ е кај Брисел.

Во врска со барањето за воведување санкции кон Русија, Брнабиќ рече дека Србија нема ниту „почетен став усвоен од Европската комисија и земјите-членки, ниту преговарачка рамка во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“.

„Сè уште чекаме земјите-членки да го усвојат, па тогаш не знам зошто очекуваат целосно да се усогласиме, а не ни го дадоа ниту тој прв, првичен став“, додаде Брнабиќ.