ОН: Инфлацијата турна повеќе од 71 милион луѓе во сиромаштија по инвазијата во Украина

расте сиромаштијата во светот

Зголемените цени на храната и енергијата доведоа повеќе од 71 милион луѓе ширум светот во сиромаштија од крајот на февруари кога Русија ја започна својата војна против Украина, соопшти агенцијата на Обединетите нации. Извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации, објавен на 7 јули, исто така предупреди на опасност од социјални немири на некои места поради економските превирања. Ахим Штајнер, администратор на агенцијата, рече дека анализата на 159 земји во развој покажала дека скокот на цените на суровините оваа година погодува делови од Субсахарска Африка, Балканот, Азија и на други места.

„Наместо месо, ќе вариме коски“: страв од нови поскапувања

„Оваа криза со трошоците за живот доведува милиони луѓе во сиромаштија, па дури и гладување со неверојатна брзина. Со тоа, од ден на ден расте заканата од зголемени социјални немири“, изјави тој. Украина е главен производител и извозник на жито, а нејзините испораки на храна се од клучно значење за многу земји на Блискиот Исток и Африка. Но, нејзините црноморски пристаништа се блокирани од руските сили, зголемувајќи ги цените на храната и туркајќи десетици милиони во сиромаштија. Русија и Украина заедно сочинуваат речиси четвртина од глобалниот извоз на пченица и повеќе од половина од извозот на сончогледово масло. Цените на енергијата исто така пораснаа поради неизвесноста околу војната, но и поради тоа што Русија го намали извозот на нафта и гас. Пред војната, Русија беше најголемиот светски извозник на природен гас и вториот најголем извозник на сурова нафта.