Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака изјави дека артилеријата што Украина ја добила од западните партнери имала ефект на бојното поле. „Конечно, се чувствува дека западната артилерија -- оружјето што го добивме од нашите партнери -- работеше многу моќно“, рече тој, пофалувајќи ја нејзината прецицизност. Украинската војска нанесе „многу забележливи удари врз магацини и другите точки кои се важни за логистиката на окупаторите. И ова значително го намалува офанзивниот потенцијал на руската армија“, рече тој, наведувајќи дека украинските сили во моментов напредуваат во неколку правци, вклучително и на југ во регионите Керсон и Запорожје.
Зеленски: украинските сили решени да ги „скршат“ офанзивните способности на Москва
„Ние се бориме за целиот наш југ, за целиот украински Донбас“, рече тој, истакнувајќи ја „најбруталната конфронтација“ во близина на Славјанск и Бахмут и додаде дека украинските сили се борат и за регионот Харкив. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер објави дека разговарал со американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 6 јули и тие „координирале чекори за да се забрза испораката на тешко оружје од САД и другите партнери“. Кулеба рече дека имал разговор и со германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, во кој ја истакнал итната потреба од зголемување на испораките на германски самоодни хаубици и ракетни системи за повеќекратно лансирање (MLRS) за Украина.