Партиски обвинувања за тоа чиј е пиштолџијата на денешниот протест

Фотографијата од напаѓачот објавена на Твитер профилот на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски

Инцидентот кој вечерва се случи за време на протестот против францускиот предлог, во кој имаше и пиштол вперен кон толпата ги вжешти партиските препукувања.

Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски инцидентот го нарече класична политичка монтажа, чија цел било негово убиство или убиство на некој недолжен граѓанин. Покажувајќи фотографии на кои се гледаат лица со оружје од вечерашниот инцидент кај Скендер бег, тој виновник за ова гледа во власта.

„Овој пиштол кој го гледате на фотографијата е свртен кон народот. Тоа е пораката од власта. Оваа слика ви ветувам дека нема да ја заборавиме“, рече Мицкоски

Мицкоски рече дека за време на инцидентот имало 10-тина лица со огнено оружје, како и неколку истрели, како и дека полицијата не била таму.

„Ова требаше требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а всушност не е ништо друго туку борба за власт, фотељи функции на партиите кои се дел од владата“, истакна опозицискиот лидер.

Тој посочи дека имал повеќе закани за негова, како што рече, елиминација. Притоа истакна дека ваквото сценарио веќе било најавено од власта, преку изјавите на министерот Бујар Османи и најавите за меѓуетнички тензии ако, како што рече, не поминел предлогот кој опфаќа асимилација и бугаризација на Македонија.

На овие слики, додаде, не е најважна етничката припадност, туку тоа што се работи за „криминалци, хушкачи , кои заедно со власта одат против народот“.

„Уште побројни и помасовни продолжуваме утре, во 19 часот пред Владата, а јас заедно со вас ке го предводиме повторно победничкиот марш кон слободна Македонија. “

МВР пак ги демантираше тврдењата дека полицијата не била присутна и не реагирала при инцидентот кај споменикот Скендербег.

„Напротив, полицијата беше на лице место, во истиот момент реагираше и го спречи насилството, а едно лице веднаш беше приведено кое е осомничено за пукање од огнено оружје“, рекоа од МВР.

Веднаш по него, на прес концеренција, вицепремиерот Артан Груби за инцидентот ги обвини опозициските партии ВМРО ДПМНЕ , Левица и Алијансата за Албанците.

„Дали може да збориме за сценарио кое има за цел да ја дестабилизира земјата во овие моменти кога ние сме на чекор да ги отвориме преговорите со ЕУ, но и повеќе, да ги реализираме проектите кои чекавме да се реализираат 30 години“, истакна Груби.


Дарко Каевски од СДСМ пак на прес конференција рече дека братот на в.д. директорот на комунална хигиена од опозициската Алијанса за Албанците (АА), Зуди Енузи, Цуфи Кока, бил човекот кој пукал во демонстрантите кои денеска поминуваа покрај старата скопска чаршија.

„Срамно, страшно и опасно е однесувањето на опозицијата, која се обидува да прикаже некакви мегуетнички тензии кои всушност се предизвикани од највисо претставници од партиите од опозицијата“, рече Каевски.

Тој додаде дека Мицкоски не е никаква жртва, како што рече, туку режисер на крвавото сценарио.

Денеска беше петти ден од протестите против предлогот со кој треба да се крене двегодишното бугарското вето и Македонија да почне преговори за влез во ЕУ. Додека од власта велат дека предлогот е добар, од македонските опозициски партии сметаат дека со него се врши бугаризација на Македонија.