Инцидент кај Мавровка, цвеќе пред МНР, запалена слика пред Собрание - протести против францускиот предлог

Протест против францускиот предлог

Од Влада кон Министерството за надворешни работи, па до Собранието, се движеше денеска маршот против францускиот предлог, со чие евентуално прифаќање треба да се крене бугарското вето и Македонија да ги започне преговорите за влез во Европската Унија.

Мотото и денеска, на петтиот ден од протестите беше „Ултиматум – Не благодарам“. Маршот беше предводен со тапани и голем транспарент на кој пишуваше „Со фашисти не се преговара“.

Во близина на плоштадот Скендербег, кај ТЦ Мавровска, имаше инцидент кога помала група почна да гаѓа со тврди предмети кон демонстрантите, а еден од нив покажа и пиштол. На ова реагираше полицијата која го обезбедуваше протестот.

Протестот потоа продолжи кон МНР, каде демонстрантите имаа оставено цвеќе пред полицијата што го обезбедуваше објектот.

Дел од присутните ги повикуваа полицајците да преминат на страната на демонстрантите.

Пред Собранието пак присутните истакнаа и запалија голем плакат со сликите од пратениците од власта, со наслов „Предавници на народот“.

Ова е петти ден по ред како граѓани протестираат против прифаќањето на францускиот предлог. Во вчерашните протести имаше нереди кои резултираа со 47 повредни полицајци според соопштението на МВР. Приведени беа 11 лица меѓу кои двајца малолетници.

Пред протестот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски апелираше протестите да бидат мирни и демократски, како и дека никој не може да го суспендира правото на протест.