Четврта доза вакцина против Ковид 19 може да примат лицата над 18 – годишна возраст, кои примиле три дози вакцина против Ковид-19. Граѓаните од денеска можат да се обратат во вакциналните пунктови, за што не е потребно закажување, соопшти Министерството за здравство.
Вакцинацијата со четврта доза, како што посочуваат од Министерството, е предвидено да се спроведува со вакцината на Фајзер или Модерна.
Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.
Четвртата доза вакцина се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години.
Од Министерството за здравство повторија дека вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на вирусот Ковид-19, како и дека државата располага со доволни количини вакцини.
По неколкумесечна стагнација, од средината на јуни почна да рсте бројот на новорегистрирани лица со Ковид 19, а само вчера имаше скоро 200 нови случаи.