Спасовски- Вечер повторно очекуваме насилни протести

„Имаме информации дека и за вечерва се подготвува насилство и молотови коктели за протестот кој што е најавен за вечер“, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по неговата посета на повредените полицајци од синоќешните протести против „францускиот предлог“ за отстранување на бугарското вето.

„Дури една група од тие што сакаат да протестираат подготвуваат и молотови коктели, кои би биле наменети кон институциите, и затоа сакам уште еднаш да апелирам да се откажат од таквата идеја, нема да дозволиме во ниту еден случај да биде загрозен нечиј живот или државен објект“, изјави Спасовски.

Ескалација на протестите - повредени и приведени пред Собранието

При вчерашните инциденти на протестите беа приведени 11 лица од кои 2 лица се малолетни, изјави министерот. Тој изјави дека е формиран оперативен штаб во МВР за настаните.

„Имаме повеќе информации, ова е една цела структура која се занимава со овој дел, имаме отворено и оперативна обработка, формиран е и штаб кој се занимава со овие активности, сето ова е дел од истрагата за која не би смеел повеќе да зборувам, освен дека сите податоци се собрани дури и за оние кои се организатори на сето ова“, додаде Спасовски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Камења и молотов коктел кон Собранието, има повредени и приведени

Демонстрантите на синоќешните протести ги урнаа барикадите пред Собранието и фрлаа петарди и предмети кон собраниската зграда, а кон полицајците беше фрлен и еден молотов коктел. На протестот имаше 47 повредени полицајци. Од повредените припадници на полициските сили, 11 се потешко повредени, а двајца од нив имаат сериозни повреди, додаваат од МВР. Министерот Спасовски изјави дека по протестот не се пријавени повредени демонстранти.

Инаку илјадници граѓани поддржани од политички партии и граѓански организации неколку дена протестираат против францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на процесот на преговори за членство на Македонија со ЕУ. Демонстрантите сметаат дека со францускиот предлог се бугаризира Македонија, не се признава македонскиот јазик и историја и бараат Владата да го отфрли. И на вчерашниот протест во Скопје демонстрантите ги турнаа оградите пред Владата и Парламентот во Скопје, а кон зградите фрлаа со јајца, шишиња и тоалетна хартија.