Претседателот Стево Пендаровски синоќа преку „Фејсбук“ ги осуди насилните протести против францускиот предлог. „Вечерашното интервју на ТВ21 го одложивме поради тоа што околу телевизијата која се наоѓа во непосредна близина на Собранието беше воспоставен посебен сообраќаен режим. Во оваа прилика сакам да го осудам насилството како метод во политиката што не би требало да има место во современите демократии“, напиша Пендаровски. Претходно реагираа од владејачката СДСМ од каде што наведуваат дека протестите биле организирани од ВМРО-ДПМНЕ и како што се вели во соопштението, проруската Левица.
Дали Левица ги „киднапира“ протестите?
„Повторно бевме сведоци како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запаливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насила да влезат во Собранието. Вакви слични сцени гледавме на црниот 27 ми април и знаеме што тоа значи“, пишува во соопштението на СДСМ. Левица пак реагираше дека власта уфрла провокатори со фантомки, со цел да се апсат граѓани и да се амортизира револтот кај народот. Министерството за внатрешни работи информира дека се повредени 47 полициски службеници од кои 11 потешко, а двајца имаат сериозни повреди.