Координаторите на пратеничките групи и други претставници на парламентарните партии денеска се очекува да одржат прва средба на која ќе се разговара за заклучоците што треба да бидат разгледани и усвоени од Собранието во врска со европскиот предлог и отпочнувањето на преговори за влез во ЕУ. Двете најголеми политички партии во Собранието, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера го потврдија договорот за одржување вакви разговори во Собранието. Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски на вчерашната прес конференција во Собранието соопшти дека било планирано да се формираат работни групи помеѓу политичките партии кои што ќе работеле на предлог – забелешки кои што биле проблематични во францускиот предлог со цел започнување на пристапните разговори на Македонија со Европската унија. „Предлогот е во тие работни групи помеѓу политичките партии да бидат по двајца претставници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по еден од ДУИ и Алијанса и уште еден од помалите парламентарни политички партии“, изјави Мицевски, дополнувајќи дека тоа е иницијатива на партискиот лидер Христијан Мицкоски за да се разговара за измени кои што ќе го подобрат предлогот за заштита на државата и на националните интереси.
Францускиот предлог оди во Собрание
Сепак, од СДСМ ги демантираа ваквите наводи и потврдија дека денеска ќе имало координација на пратеничките групи но дека тоа не се однесувало на формирање вакви работни групи за преговарачката рамка туку дека ќе се зборува за заклучоци што би требало да бидат разгледани и усвоени од Собранието. Од СДСМ велат дека на Мицкоски и на ВМРО – ДПМНЕ одамна им било понудено да учествуваат во вакви работни групи, но дека тие одбиле. Премиерот Димитар Ковачевски претходно изјави дека крајната одлука ќе ја има парламентот кој ќе изготви заклучоци во врска со предлогот за почеток на преговори на Македонија за членство во ЕУ, по кои ќе постапи Владата.