Полицијата им се спротивстави на дел од демонстрантите кои претходно ја урнаа оградата пред Собрание и фрлаа со предмети кон полицијата и кон собраниската зграда.
Полицискиот кордон кој стоеше непосредно пред зградата на Парламентот ги потисна демонстрантите и се распореди на работ од улицата која поминува пред Собрание, а оттаму ги потисна демонстрантите кон паркот Жена борец. Демонстрантите и понатаму фрлаат со предмети кон полицајците. Има повредени полицајци, пред Собранието дојде амбулантно возило. Најмалку двајца од демонстрантите се приведени, јавува новинарот на РСЕ кој го следи протестот.
Четврти ден по ред има протести против францускиот предлог за укинување на бугарското вето и почеток на преговорите со ЕУ.
Денешниот протест започна пред Владата, продолжи пред МНР, па до Собрание. Кога стигнаа пред Парламентот беше интонирана националната химна и луѓе се обидоа да одржат говори, но дел од насобраната маса почна да вика дека – Ова не е митинг, по што почнаа да ја уриваат оградата. Тие бараат оставка од владата.