Германскиот специјален претставник за Западен Балкан Мануел Сарацин утре ќе престојува во официјална посета на Македонија. Тој ќе се сретне со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, по што ќе одржат прес-конференција, соопшти и Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Во фокусот на разговорите ќе бидат францускиот предлог и евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, како и состојбите во регионот, велат од СЕП.
Сарацин е дел од европските функционери кои деновиве ја посетија Македонија, откако ЕУ испрати предлог за надминување на бугарското вето на македонските евроинтеграции. Но предлогот предизвика тензии и протести кај дел од македонската јавност. Демонстрантите кои неколку дена протестираат против предлогот сметаат дека се работи за предлог за бугаризација и бараат владата да го отфрли.
Денеска пак во посета на земјата беше претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел кој порача дека шансата што сега и се пружа на земјата со францускиот предлог е многу важна, за да се пропушти.
СЕП информира дека е планирано Сарацин да се сретне и со министерот за надворешни работи Бујар Османи.