Дождот кој попладнево го зафати центарот на Скопје не ги предомисли демонстрантите кои четврти ден по ред протестираат против прифаќањето на францускиот предлог за укинување на бугарското вето и почеток на преговорите со ЕУ.
Протестот почна пред Влада во 19 часот, а оттука демонстрантите преку мостот „Гоце Делчев“ се упатија кон зградата на МНР.
Неколку десетини млади кои носеа качулки се издвоија од топлата и гаѓаа со камења и пиротехника кон полицијата во близина на скопското Кале, но не добија поддршка од илјадниците граѓани кои маршираат кон МНР. Потоа со
камења гаѓаа и кон дуќаните во стоковна куќа Мост и скандираат антиалбански пароли.
Пред зградата на МНР дел од демонстранттие фрлаа јајца, тоалетна хартија и други предмети, а пукаат и петарди. Од МНР се упатија кон Собрание.
Во истовреме има собрано луѓе и пред Собранието, а со неколку возила е блокирана улицата пред Парламентот.
Претходно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски порача дека протестите мора да бидат мирни и демократски, иако, како што напиша на Фејсбук граѓаните имаат право на протест и тоа право никој не може да го суспендира.
Тој пишува дека има најави за радикализација на протестите од одредени политички субјекти, во смисла на напади врз полициски службеници и витални објекти на институции.
Лидерот на опозициската Левица, Димитар Апасиев најави радикализација на протестите против францускиот предлог. Тој во повиците за днешниоѕ протест повика демонстрантите освен пред Владата да протестираат и пред вилата на претседателот Стево Пендаровски, а најави и изненадување „план Б“.