Претседателот на Собранието Талат Џафери како особено важна ја оцени посетата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, оти доаѓа во време кога францускиот предлог влегува во собраниска процедура.
Гостинот од ЕУ денеска имаше средба со Џафери и со координаторите на парламентарните партии.
„Денеска ја одржавме средбата со координаторите и имавме можност директно да слушнеме охрабрувачки пораки кои ја разјаснуваат нејаснотијата, не оставајќи простор за лажни вести и дезинформации. Отворениот дијалог меѓу политичките фактори во државата е клучен за носење суштински важни одлуки“, пишува Џафери на својот Фејсбук профил.
Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски изјави дека политичките партии ќе формираат работни групи кои ќе работат на предлог-забелешките за францускиот предлог за тргање на бугарското вето на македонските евроинтеграции.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел претходно на прес-конференција со премиерот Димитат Ковачевски порача дека францускиот предлог е историска можност за старт на преговорите со ЕУ и дека таа не смее да се пропушти.