Шефот на регионалната воена управа на Доњецк, Павло Кириленко, денеска ги повика цивилите да се евакуираат од источниот украински град Славјанск, по нападот врз централниот пазар во градот. Тој рече дека при нападот загинале најмалку две лица, а седум се повредени.
„Русите повторно намерно напаѓаат места каде што се собираат цивили. Ова е чист тероризам. Терористичката држава мора да биде изведена пред лицето на правдата“, напиша Кириленко на Телеграм.
На 5 јуни украинските сили зазедоа нови одбранбени линии во Доњецк, каде што сè уште ги контролираат големите градови, по повлекувањето од Лисичанск. Повлекувањето, пак, ја поттикна Русија да побара целосна контрола врз источниот регион Луганск, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе ја врати изгубената земја.
Рускиот претседател Владимир Путин на 4 јули изјави дека руските сили треба да продолжат да напредуваат низ регионот на Доњецк „како што се случи тоа во Луганск“.
Во извештајот на британското Министерство за одбрана објавен на 5 јули се вели дека битката за Донбас „се карактеризира со бавни стапки на напредување“.
„Борбите во Доњецката област речиси сигурно ќе продолжат на овој начин“, се вели во извештајот на британското разузнавање.
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска телефонски разговарал со претседателот на Украина Володимир Зеленски и му пренел дека верува оти Украина може да ја врати територијата што неодамна ја зазеде Русија.
Џонсон ја повторил посветеноста на Британија да му помогне на Киев да се одбрани и да се обнови, а Зеленски му се заблагодарил за дополнителните 100 милиони фунти за поддршка на Украина.