Спасовски порача протестите да бидат мирни

Протест во Скопје против францускиот предлог

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски порача дека протестите мора да бидат мирни и демократски, иако, како што напиша на Фејсбук граѓаните имаат право на протест и тоа право никој не може да го суспендира.

„Апелирам до политичките субјекти, организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, да ги сочуваме, редот, мирот и безбедноста. Насилството кон оние кои го оддржуваат редот – врз македонската полиција, врз институциите нема да придонесе кон ништо“, рече Спасовски.

Тој пишува дека вчера имаше обид за ескалација на протестите против францускиот предлог за надминувањето на блокадата од Бугарија за влез во ЕУ. Спасовски вели дека биле повредени четворица полицајци, а самото тоа покажува дека преку насилство не може да се постигне ништо, туку треба да се разговара во институциите на системот.

Тој наведе дека има најави за радикализација на протестите од одредени политички субјекти, во смисла на напади врз полициски службеници и витални објекти на институции.

Лидерот на опозициската Левица, Димитар Апасиев најави радикализација на протестите против францускиот предлог. Тој во повиците за најавениот протест во 19 часот, повика демонстрантите освен пред Владата да се протестираат и пред вилата на претседателот Стево Пендаровски, а најави и изненадување „план Б“.

Премиерот Димитар Ковачевски ги коментираше протестите и рече дека има информации од МВР оти се подготвува нешто што не доликува на НАТО членка и идна членка на ЕУ и оти не е дозволиво да се протестира со качулки, по инцидентите во Собранието од 27 април.