Дополнителни 25 милиони денари или околу 400 илјади евра се обезбедени со вградените амандмани на ребалансот на Буџетот за годинава. Тие пари, како што соопшти Министерството за финансии се однесуваат на проекти во здравството, животната средина и инфраструктурата. Владата на денешната седница го усвоила дополнетиот ребаланс на Буџетот, во кој и приходите и расходите се зголемени во споредба со првичните проекции за ребалансот.
Парите обезбедени преку прифаќање на амандманите во текот на комисиската расправа во Собранието се за решавање на проблемот со индустриската депонија во Југохром, се обезбедуваат средства за мамографи за болниците во Струмица и Неготино, прочистување на коритото на реките Вардар и Треска, реконструкција на Мороишки мост и изградба на кружен тек, проектна документација за културниот дом Чегране и друго, се вели во соопштението од Министерството за финансии.
Со ребалансот економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти придвижен од домашната потрошувачка, која се очекува да забележи раст од 3,3 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од 5 проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.
Дополнетиот ребаланс повторно се враќа во Собранието, но засега на веб страницата на Парламентот немам закажано седница за ребалансот на буџетот.
Граѓаните, пак, очекуваат процедурата со ребалансот да заврши, за да видат каков пакет антикризни мерки ќе предложи власта. Владата најави нова помош за граѓаните погодени од поскапувањето на основите прехранбени продукти и енергенсите. Но, како што велат од власта, новите мерки ќе следат после усвојување на ребалансот на Буџетот.